Во нашата земја, бројот на активни Ковид случаи изнесува 18.046, додека 10.840 од нив се од главниот град. Имено, на инфективните одделенија се лекуваат вкупно 889 болни пациенти од коронавирусот.
Како што говори извештајот на Институтот за јавно здравје за периодот од 28 декември 2020 до 3 јануари 2021 година се бележи намалување на бројот на нови позитивни случаи, на починати, како и на бројот на тестирани на коронавирус во однос на неделата пред неа. Регистрирани биле 2329 нови позитивни случаи од 33 градови во државата со намалување од 30,9 проценти. Најголем број од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.086; 46,6 отсто). Процентот на позитивни од тестирани случаи на SARS-CoV-2 изнесува 21,6 отсто, намалување од 4,1 отсто. Во истиот период биле пријавени 93 починати од 22 града, со намалување од 27,9 отсто. За 17,9 отсто е помал бројот на тестирани на коронавирус. По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, за оздравени се водат 3884 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување.
Исто така, бројот на вкупно ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 84709, бројката на оздравени пациенти е 64104, а на починати 2559.
За потсетување, Владата на вчерашната 37.седница го усвои и записникот од последниот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Ковид-19, при што министерот за здравство Венко Филипче ги информираше и членовите на Владата дека по интензивни преговори се обезбедени количини на вакцини за цела 2021 година, дека од компанијата „Фајзер“, се очекуваат првите над 5.800 вакцини и дека во тек се преговори и со други компании, посочија синоќа од Владата.
Министерот за здравство пак, Венко Филипче информираше дека значително е намален притисокот на болниците и дека капацитетите за сместување на ковид болните лица се полупразни и беше констатирано дека мерките кои беа донесени од Владата во последниот период, а кои се однесуваат на намалување на ширењето на коронавирусот донеле резултати.