Новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден, денес ја поздрави веројатната победа на демократите на сенаторските избори во американската држава Џорџија, што, доколку биде потврдено, ќе му даде контрола над целиот Конгрес и тој вети дека ќе дејствува во духот на „единството“.
„Време е да ја свртиме страницата. Американците бараат акција и сакаат единство, а јас сум поголем оптимист од кога и да е дека ќе го постигнеме тоа“, рече Бајден денес.
Според него, гласачите му дале лост на моќ затоа што сакаат акција наспроти бројните кризи низ кои поминува земјата околу Ковид-19, економијата и расната правда.
„Тие сакаат да дејствуваме, но сакаат да дејствуваме заедно“, рече Бајден, ветувајќи дека ќе се обиде да работи со двете страни.
Неизвесноста околу тоа кој ќе има контрола врз американскиот Сенат сè уште трае бидејќи трката за едно од двете сенаторски места изгласана во јужната американска држава Џорџија е сè уште премногу неизвесна за да биде прогласен победникот.
Едно од двете места е освоено, со победата на свештеникот Рафаел Ворнок над сенаторот Кели Лефлер на изборите во вторникот.
За второто место во Сенатот, демократскиот кандидат Џон Ософ има предност пред републиканецот Дејвид Пердју, кој се бори за втор шестгодишен мандат, но рано е да се прогласи победник.
Според законот на државата Џорџија, кандидатот кој ќе изгуби има право да побара пребројување кога разликата во гласовите е помала или еднаква на 0,5 процентни поени.
Доколку победата на Ософ биде потврдена, Сенатот ќе биде поделен подеднакво на 50 демократи и 50 републиканци, а потоа решавачкиот глас ќе го има потпретседателката Камала Харис.
Демократите исто така имаат мнозинство, иако тесно, во долниот дом на Конгресот.