Предлог-законот кој што го поднесоа албанските опозициски партии со кој бараат да се овозможи македонско државјанство да може да се обезбеди со изјави на три лица кои ќе сведочат дека барателот живеел на територијата на земјава од 8 септември 1991 година или со изјава на само едно лице што во тој период било жител или сè уште живее во местото во кое живеел барателот не наиде на поддршка во надлежните институции.
За министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски законот за државјанство предложен во Собранието е неразбирлив во врска со тоа што сака да се постигне со истиот. Тој предлогот го оцени како „политички памфлет“.
Спасовски, рече дека носењето Закон за државјанство, односно негово предлагање, е исклучиво надлежност на МВР и не може да се очекува дека некој од надвор треба да даде законско решение.
„Нас ни треба трајно решение, заштита на државните и национални интереси и заштита на граѓаните кои се тука и треба да го добијат тоа државјанство, а од објективни причини не можеле да го добијат досега“,изјави Спасовски.
По оваа изјава од опозициската партија Алијанса за Албанците изјави дека Оливер Спасовски продолжува да инсистира на неговиот шовинистички менталитет со тоа што се обидува да ги убедува граѓаните дека е во право за нешто што не е во негова надлежност.
„Предлагач на Законот за државјанство е коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, така да мислења ниту сме барале ниту ќе бараме од вас, а ниту МВР има право да дава мислење за законот. Спасовски раководи со институција која ги дискриминира своите граѓани по етничка основа, лишувајќи им го правото на државјанство. Го покануваме министерот Спасовски да го објави бројот на лица без државјанство и да се откаже од тенденцијата за замаглување на јавноста со бескорисни писма и мислења, бидејќи немаме потреба за мислење од нив“,велат од АА.