Продолжуваат обилните врнежи, граѓани да избегнуваат движења покрај реки

од Берта Китинска
214 прегледи

Според метеоролозите во наредните денови ќе имаме  постудена воздушна маса.

Облачно со врнежи од дожд, кои на места ќе бидат пообилни и поројни, проследени со ретки грмежи. Ќе дува умерен, а во повисоките места повремено засилен ветер, претежно од југозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 9, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени. Во Скопје, облачно со врнежи од дожд.Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне 7 степени.

Од вторник поради продор на постудена воздушна маса од север, се очекува ново заладување со локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. Натамошното опаѓање на температурите во среда и петок ќе предизвика врнежите да бидат претежно од снег.

Во изминативе 24 часа, до 7 часот утрово, најмногу дожд наврна во Пожаране од 48 литри на квадратен метар воден талог, во Тетово 39, Виница 36, Крушево 34, Скопје, Охрид, Гевгелија и Ѓуриште 26, Битола 25, Демир Капија 23, Петровец и Прилеп 22, Куманово 21, Штип, Струмица и Дојран 20, Крива Паланка и Берово 16 и во Претор 12 литри на квадратен метар воден талог

Континуираните врнежи од дожд кои ја зафатија целата земја значително го зголемија нивото на реките. Иако досега не се пријавени поплави на големи земјоделски површини или објекти, освен една фарма во битолско село и мала површина на земјоделско земјиште кај Куманово, Центарот за управување со кризи информира дека постои опасност дека тоа може да се случи бидејќи врнежливото време ќе продолжи ноќва и утре.

Ситуацијата е најделикатна покрај поголемите реки во западниот дел на земјата, па од ЦУК апелираат до сите граѓани да избегнуваат движења покрај реки, потоци или други извори на вода.

 

Слични содржини