Бидете подготвени да ги „изгубите сите пари“ ако инвестирате во производи што ветуваат голем поврат на инвестицијата, во криптовалути како што е биткоин, предупредува „FCA“, независно британско регулаторно тело за финансии.
„FCA“ ги предупреди жителите дека инвестирањето во криптовалути носи поголем ризик, особено сега кога цената на биткоинот драстично опадна по рекордните скокови од минатиот месец.
„FCA е свесна дека некои фирми нудат инвестиции во криптовалути или заеми во истите со ветување за висок принос на парите“, рече агенцијата, додавајќи дека „инвестирањето во криптовалути подразбира голем ризик за парите на инвеститорите. Доколку инвестирате во овие производи, бидете подготвени за можноста да ги изгубите сите пари“.
Покрај тоа, според FCA, сите оние кои ќе останат без пари нема да можат да се жалат до британските власти бидејќи пазарот за крипто-валути не е доволно регулиран со закон. Нема гаранција дека крипто-валутите можат да се претворат во готовина, поради што оние кои ќе се решат да го преземат овој ризик на крајот на денот се осудени на милост и немилост на пазарот.
Биткоинот стана исклучително популарен меѓу мејнстрим инвеститорите кои сметаат дека оваа дигитална валута е безбедно прибежиште од инфлацијата. Скептиците, сепак, предупредуваат дека крипто-валутата наскоро може да пукне бидејќи таквите валути во суштина немаат вистинска вредност, како на пример, златото.