Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја смени насловната фотографија на својот Твитер профил, со што ја отстрани сликата со американскиот претседател Доналд Трамп и ја замени со онаа каде ја прима вакцината против коронавирусот.
Фотографијата на која Нетанјаху седи покрај Трамп во Белата куќа веќе долго време го украсуваше профилот на Твитер на израелскиот премиер Нетанјаху и беше знак на пријателство и блиски врски помеѓу Израел и администрацијата на Трамп.
Отстранувањето на заедничката фотографија се случи откако односите меѓу двајцата лидери се влошија откако Нетанјаху официјално му ја честиташе победата на Џо Бајден на изборите, и покрај инсистирањето на Трамп дека станува збор за кражба на гласови и измама.
На новата фотографија на Нетанјаху беше испишан слоганот „Граѓани на Израел, се враќаме во живот“, при што нема објаснување зошто е отстранета фотографијата со Трамп.
Во меѓувреме, профилите на Трамп беа блокирани на сите поголеми социјални мрежи откако неговите приврзаници упаднаа во зградата на американскиот Конгрес.