Синот на Петар Наумоски потпиша за МЗТ Скопје

од Nikola Popovski
357 прегледи

Еден од најталентираните млади македонски кошаркари, седумнаесетгодишниот Михаил Наумоски, е новиот кошаркар на тимот на МЗТ Скопје, потврди денеска овој клуб.

Како што се наведува, помладиот син на поранешниот легендарен македонски репрезентативец Петар Наумоски во МЗТ доаѓа од белградска Црвена звезда и станува збор за крилен кошаркар кој „ги покрива позициите три и четири без проблем“.

Михаил Наумоски, се додава, досега има играно за скопски Вардар и за турски Галатасарај, а со неговото доведување „МЗТ Скопје продолжува со напорите да има најталентирани македонски кошаркари во своите редови во моментот“.

Според договорот, Михаил оваа сезона ќе игра во вториот тим на македонскиот шампион, кој годинава се натпреварува во Првата лига. Раководството на скопскиот клуб „очекува голема помош од младиот Наумоски во борбата за зачувување на прволигашкиот статус“, наведувајќи дека по завршувањето на оваа сезона, Михаил „ќе биде прекомандуван во првиот тим на МЗТ за кој ќе игра во следните две сезони“.

Михаил Наумоски за клупската веб-страница изјави дека „едвај чека да бидат завршени сите формалности во врска со договорот за да може да го облече дресот на МЗТ Скопје“.

„Ќе дадам се од себе да ја оправдам дадената шанса и да ги пренесам знаењето и искуството стекнато со тренирање и играње во Црвена звезда и Галатасарај“, рече 17-годишниот Наумоски.

Слични содржини