Премиерот на Италија одби да даде оставка

од Stefanija Kuzmanovska
322 прегледи

Италијанскиот премиер Џузепе Конте денес се спротивстави на повиците да поднесе оставка откако коалициската партија „Италија Вива“ ги повлече своите министри од владата, оставајќи ја владејачката коалиција без мнозинство во парламентот среде пандемијата на Ковид 19.

Наместо тоа, Конте сигнализираше дека сака да се бори за опстанок во парламентот со поддршка на неговите главни коалициски партнери, планирајќи да се обиде да најде т.н. одговорни пратеници во опозицијата кои ќе ја поддржуваат владата, објави „Ројтерс“.

Поранешниот премиер Матео Ренци ја втурна земјата во политички хаос во средата кога ги повлече своите двајца министри од владата, презентирајќи долг список на поплаки за тоа како Конте се справува со ситуацијата во здравството и економијата.

Ренци ја остави вратата отворена за враќање во владата доколку биде постигнат нов политички договор, сепак, неговите партнери изјавија дека не сакаат да имаат ништо повеќе со него.

За да остане на чело на владата, Конте треба да најде 25 пратеници во долниот дом на парламентот, кој има 630 места и 18 пратеници во Сенатот, кој има 315 места.

Ако успее во тоа, тоа ќе биде кревко мнозинство, што ќе го отежне постигнувањето подолга политичка стабилност, проценува британската агенција.

Во случај Конте да не најде начин да остане на функцијата, претседателот на Италија, Серџо Матарела, би можел да се обиде да формира влада на национално единство со цел да се надмине ќор-сокакот, кој зачуди многу Италијанци, пренесува Танјуг.

Слични содржини