Германија и предаде на Русија транскрипти од интервјуа со Навални

од Vladimir Zorba
242 прегледи

Германија и предаде на Русија транскрипти од интервјуа со рускиот опозициски политичар Алексеј Навални како дел од истрагата на Москва за наводното труење на Навални, изјави портпаролот на германското Министерство за правда и побара да се спроведе темелна истрага.

Министерството соопшти дека Русија сега ги има сите информации потребни за спроведување на кривична истрага за наводното труење на Навални во август минатата година, вклучувајќи примероци од крв и ткиво.

„Ова злосторство мора да се реши во Русија. За тоа е потребно спроведување истраги сразмерни со сериозноста на ова злосторство“, рече портпаролот на германското министерство.

Обвинителството во Берлин разговараше со Навални, кој, како што се наведува во соопштението на Министерството, дал „обемни одговори“ на прашањата, кои биле доставени од канцеларијата на руското генерално обвинителство.

Навални претходно објави дека планира да се врати во Русија во недела, што ќе биде негово прво враќање во земјата откако наводно беше отруен во август и пренесен во Германија на лекување.

Веднаш по ова соопштение, Московската федерална служба за извршување на казни објави дека Навални ќе биде притворен во Русија се додека не одлучи судот, кој ќе разгледа замена на условната со затворска казна.

Според Федералната служба, во текот на изминатата година, Навални „систематски и постојано ги кршел условите на условната казна и најмалку шест пати не одговарал на судската покана“.

Да потсетиме, Навални има две условни казни од по пет години во случаите „Кировлес“ и „Ив Рошер“. Првиот случај е поврзан со проневера на повеќе од 16 милиони рубљи, а вториот со проневера на повеќе од 30 милиони рубљи.

Патем, Русија ги негираше обвинувањата на Навални дека била вмешана во неговото труење во август.

Слични содржини