Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се сретнaл со унгарскиот премиер Виктор Орбан и со како дел од неговата мини дипломатска офанзива кај сестринските партии во регионот и Европа.
„Одлични средби со пријателите на Македонија, премиерот Орбан и министерот за надворешни работи Сијарто. Македонија не смее да остане заробена во калкулирања и недостаток на реформи, а граѓаните заглавени поради таквата неспосбност. На земјата и треба план, сигурност и развој“, објави Мицкоски на социјалните мрежи.
На работниот ручек со Орбан, Мицкоски се осврнал на блокираните европски интеграции кои се последица на последното вето на источниот сосед, кое што Македонија ја одалечува од стратешката цел членство во Европската Унија.
„Премногу долго државата е заробена во недостаток на реформи, калкулирања и тапкање во место што резултира со оправдана нервоза, но и своевидна фрустрација во исполнувањето на стратешката агенда. Точно е дека македонската влада има огромeн застој во исполнувањето на реформите, неисполнети ветувања, и не до крај посветен пристап кон интеграциите, исто како што е точно дека државата и сите нејзини граѓани не смеат да бидат заглавени поради таквата неспособност на домашната влада, но и недоволната спремност на сите земји членки на Унијата да подадат искрено рака на земјите апсиранти кон ЕУ“, рекол лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Како што информираа од партијата, соговорниците размениле мислења и за економската и здравствената состојба, како и предизвиците кои произлегуваат од ковид-19 пандемијата.
Претходно, персоналниот портпарол на унгарскиот премиер Виктор Орбан, Сијарто Петер, објави дека „неделата ја почнуваат со лидерите на нашата братска партија од Македонија. Важно е европската интеграција да ужива широка поддршка во земјите од Западен Балкан“.