Второто полугодие започна со бојкот на наставата од страна матурантите кои бараат намалување на бројот на предмети за полагање на државната матура.
Средношколците бараат наместо четири предмети, да полагаат два, едниот мајчин јазик, и другиот по избор на ученикот. Од Средношколскиот сојуз, велат дека бојкотот ќе трае се додека МОН не излезе во пресрет на нивните барања.
Министерката за образование вели дека дека бојкотот не е масовен.
„Една гимназија во Скопје има поорганизирано дејствување, сите други се изолирани групи во дел од гимназиите. Во Медицинското, на пример, нема ниту еден ученик што бојкотира. Тоа се мали групи кои искажуваат незадовлство и тоа е нивно легитимно право“, истакна Царовска.
Според неа, потребни се измени во концептот за матура, но оваа година е законски утврдено како се полага и зошто се полага матура, и од тоа нема бегање.
„Концептот е утврден на почетокот на учебната година и тој се спроведува во моментот. Секое поместување ќе им направи проблем на учениците за запишување во високото образование надвор или во земјава. Токму затоа утврдивме дека сега одиме со овој концепт. Повеќе од 14 илјади ученици имаат пријавено да полагаат“, соопшти Царовска.