„Оваа пролет државата по цели 19 години ќе спроведе попис согласно сите меѓународни стандарди. Со оваа важна статистичка операција конечно ќе добиеме целосни релевантни податоци кои се од особено значење за креирање на издржани политики и стратегии за развој на државата“, соопшти денес пратеничката од редовите на СДСМ, Славјанка Петровска.
Пратениците, пак, ќе набљудуваат како тече неговото спроведување.
„Институциите, првенствено Државниот завод за статистика (ДЗС), сега треба да изработи методологија за спроведување на пописот која исто така, мора да биде достапна на јавноста. Со тоа граѓаните и јавноста во целина ќе бидат уверени дека процесот ќе биде статистичка, а не политичка операција како што некој се обидува да го стори тоа. Иако обврската на пратениците заврши вчера со изгласувањето на законот, сепак, ние како пратеници, како мнозинство, остануваме посветени на спроведувањето на овој процес во целина и ќе го набљудуваме и ќе ги користиме сите механизми кои ни стојат на располагање како парламент да го спроведуваме овој попис“, изјави Петровска.
Таа порача дека одново се поразени деструкциите и обидите за блокади на антидржавното ВМРО-ДПМНЕ предводено од докажаниот губитник Христијан Мицкоски.
„Не успеаја нивните обиди да се блокира носењето на овој важен закон, не успеаја обидите државата да остане без важна статистичка операција, попис оваа пролет ќе има“, вели Петровска.