Министерката Шахпаска на завршна конференција на проектот за „Евалуација на стандардите за фер судење и пристап до правдата во судски предмети за семејно насилство и криминал од омраза“

282 прегледи

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денска учествуваше на завршната конференција во рамки на проектот „Евалуација на стандардите за фер судење и пристап до правдата во судски предмети за семејно насилство и криминал од омраза“,во организација на Коалицијата  „Сите за правично судење“ .

Министерката во своето обраќање до присутните учесници, се осврна на заложбите кои се прават од страна  на Министерството за труд и социјална политика во поглед на сузбивање, превенција и заштита од семејното насилство.

„Регулирањето на семејното насилство во позитивното законодавство ја вбројува Северна Македонија во редот на држави кои,  покрај задолжителното давање на соодветна заштита на жртвата на семејно насилство, воведе  и комплементарна правна заштита на жртвите во овие случаи,“ посочи министерката Шахпаска. Таа истакна дека во нашата држава, семејното насилство е регулирано и со граѓанското и во казненото законодавство.

„За прв пат семејното насилство во нашето законодавство е воведено во 2004 година, а  во изминатиот  период направени се повеќе измени на  законите,  кои  придонесоа за промени и во релациите на полето на историската прифатеност на семејното насилство; општествената улога на мажите и жените; приватноста и семејството; прашањата на моќта, авторитетот и легитимноста; законодавството и правниот систем; премолчeните културни обичаи и правила за  доминантното машко/женско однесување, чувства и реакција и влијанието на медиумите во справувањето со овој вид на насилство,“посочи Шахпаска.  Додека пак,  појасни министерката, во 2014 година е донесен  првиот системски  Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, кој имаше за цел  да се создаде сеопфатна правна рамка, со која системски ќе се унапредат состојбите против семејното насилство во нашата земја, преку креирање на координиран и интегриран систем во сите подрачја на делување.

„Владата на Република Северна Македонија во 2018 година, одлучи и го започна процесот за изготвување на нов Закон за насилство врз жени и семејно насилство. Ова законско решение  во моментов е во финална фаза на донесување во Собранието на РСМ. Со овој нов закон се уредува:

-постапувањето на институциите со должно внимание при заштитата на жените од сите форми на родово-базирано насилство и жртвите на семејно насилство;

-меѓусебната координација на институциите и организациите;

-мерките за превенција од родово-базираното насилство врз жените и семејното насилство;

-собирањето на податоци за родово-базираното насилство врз жените и семејното насилство;

-брзо и ефикасно постапување на институциите, посебно судот во постапување и изрекувањето на итни и на привремени мерки за заштита;

-ослободување на жртвите од судски трошоци во текот на судската постапка;

-жртвата има право да поднесе тужба пред граѓански суд за утврдување на одговорност за непостапување со должно внимание од страна на надлежните институци.

Министерката  истакна дека особено значајно е што со новиот предлог закон ќе се донесе и Програмата за реинтеграција на жртвите на насилство со која ќе се фокусира на препознавање на жртвите како посебна ранлива категорија и развивање на мерки за помош и поддршка врз основа на нивните потреби, преку модели за привремено домување, психичко советување со менторство, различни видови на финансиска помош специфично наменети за жени жртви на насилство, можности за образование и обуки во различни области, како и мерки за вработување утврдени со закон.

За Министерството за труд и социјална политика и Владата на Република Северна Македонија приоритет е  брза, ефикасна постапка за заштита на жртвите, нивна реинтеграција во системот  и  обезбедување на  превенција во насока на намалување на насилството.

Слични содржини