Ди Џовани: Реформи во образованието да има, но целта од истите да се приспособи на потребите на децата

317 прегледи

Во рамки на меѓународниот ден на образованието, УНИЦЕФ денс ги повика сите чинители, да бидат доследни и посветени на образовниот систем и реформите кои ќе се вметнат, а истите да бидат базирани на докази, од каде ќе стане јасно дека децата се центарот на промените, посочи претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција Ди Џовани.

Потсети, дека денес се чествува Меѓународниот ден на образованието, а овојпат темата е „Да се обнови и заживее образованието во генерацијата на Ковид 19“.

„Истражувањата во светски рамки покажуваат дека главниот двигател на добрите резултати во образованието е квалитетот и компетентноста на наставата. Затоа, пресудни за добриот образовен систем се мотивирани и компетентни наставници. Образовниот систем, на чело со наставниците, треба да им помогне на учениците да стекнат знаење, притоа оспособувајќи ги да го користат знаењето, да развијат социјални и емоционални вештини, умешност за критичко и креативно мислење, самодисциплина, љубопитност и чувство на припадност и цел“, потенцираше за медиумите Ди Џовани

Исто така, таа во моментов, додаде, земјата е во процес на реформа на образованието.

„Оттука, треба да има поголемо вложување во професионалниот развој на наставниците во и вон училиштето, со цел наставниците да добијат пристап до можности за учење и можности да напредуваат во кариерата. Потоа, треба да се зголеми времето што учениците го поминуваат во основно училиште; да се обезбедат услови за целосно вклучување на учениците со попреченост во редовниот образовен систем во согласност со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, да се зајакнат критериумите за избор на кандидати за идни наставници на наставничките факултети, давајќи им предност на оние со добри познавања и вештини за квалитетна настава, и да се стави фокус врз ефективна и ефикасна распределба на средствата, обезбедувајќи праведно финансирање и повисоки финансиски средства за училиштата воопшто“, потенцираше Ди Џовани.

Како што вели таа, време е сега да се зајакне соработката, како и националната солидарност. Меѓудругото, образованието секако да биде фокус и да подлежи на трансформација и обновување, но во насока каде децата ќе бидат целна група и истите реформи ќе се приспособат на нив.

Слични содржини