Матурантите денеска најавија дека ќе ја бојкотираат наставата и во понеделник.
Сојузот на средношколци денес имаше средба со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, по што соопштија дека очекуваат и бараат поддршка од сите пратеници и сите политички партии за нивните барања во врска со државната матура.
„Овие барања не смеат да бидат политизирани. Тоа што го знам е во понеделник е сигурно дека нема пак да се вклучиме во настава затоа што матурантите низ целата држава се фрустрирани и ние не можеме да носиме одлуки против нивниот интерес“, изјави претседателот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи.
Игор Здравковски од ВМРО-ДПМНЕ изјави партијата им дава апсолутна поддршка на средношколците
„Мислиме дека матурантите псолутно имаат право да си ги бараат своите средношколски права. Поради сите овие околности кои се настанати и ковид- пандемијата, сметаме дека не се прекршуваат нити Уставот, ниту законите, ниту Законот за образование, ниту регулативата на државниот испитен центар и затоа имаат апсолутна поддршка“,вели Здравковски.
Тој вели дека за предлог-измените може да се расправа во собраниската Комисија за образование и наука или директно на пленарна седница.
Вчера од сојузот изјавија дека имаат доставено писма со барање до 85 пратеници во Собранието за да се отвори дискусија за државната матура.
Наставата ја бојктораат 78 % од матурантите во земјава, велат од Сојузот на средношколци. Тие велат дека можат да стигнат и до 100 проценти ако немало погрешно информирање и заканувате.
Средношколците ја бојкотираа наставата со цел МОН да го намали бројот на предмети кои треба да ги полагаат во државната матура, наместо четири предмети да полагаат два и тоа мајчин јазик и втор предмет по избор на ученикот.