Од денес, Министерството за образование и наука ќе ги стартува консултациите заедно со компаниите, стопанските комори и локалните самоуправи за потребата од отворање на нови профили и паралелки во средните стручни училишта низ државата од идната учебна година.
Министерката, Мила Царовска, заедно со претставниците на Владата и МОН, како и градоначалниците и компаниите, под слоганот „Учи паметно, работи стручно“, ќе се разговараат за дизајнирањето на наставните програми и уписните политики во средните стручни училишта.
„Силно веруваме дека низ овој социјален дијалог заеднички ќе ги идентификуваме потребите и ќе можеме да одговориме на барањата на компаниите, но и за создавање на стручно образование коешто ќе создава кадар потребен на реалниот сектор“, информираа од Министерството.
За потсетување, првите вакви средби ќе се одржат денеска во Свети Николе и Штип. На средбата, покрај министерката за образование и наука Мила Царовска, ќе присуствуваат градоначалници, директори од средни стручни училишта, претставници на меѓународни организации и институции и претставници на Стопанските комори и на компаниите.
Инаку, овој процес, Министерството за образование и наука го реализира во соработка и со поддршка од Амбасадата на Швајцарија.