ССМ: И во петтиот пакет економски мерки да биде опфатена поддршката за исплата на плати

348 прегледи

Продолжување на финансиската поддршка за исплата на плати, бара Сојузот на синдикатите на Македонија.

Од ССМ сметаат дека овој пакет мерки кој претстои, треба да биде фокусиран на зачувување на работните места, како и заздравување на економијата со која полесно ќе се надмине оваа криза.

Во рамки на денешната седница на Економско социјалниот совет, претседателот на ССМ, Дарко Димовски ги презентираше предлозите на Сојузот пред останатите социјални партнери и уште еднаш повтори дека и во овој пакет мерки неопходна е поддршката за исплата на плати.

„Владата да обезбеди финансиска помош и поддршка за компаниите кои нема да можат да ги извршуваат деловните потфати поради вирусот или ќе ги извршуваат со значително намален обем, првенствено и исклучиво за обезбедување средства за плата на работниците, субвенционирањето на платата да продолжи онаму каде што производството е намалено како што е утврдено и со четвртиот пакет мерки, но да се исплаќа директно на сметките на работниците, работниците кои користеа мерки како хронично болните, бремени жени, чување на дете до 10 години, треба да бидат исплатени во висина на нивната плата, без нејзино намалување и истовремено да се води грижа и за мајките кои користеле породилно отсуство, а им престанал договорот за вработување по кој било основ, како и да имаат право на платено на породилно отсуство“, гласат дел од предлозите на ССМ доставени до Владата.

Меѓудругото, Сојузот исто така предлогот, и надоместокот на плата за отсуство од работа поради зараза од КОВИД, изолација и самоизолација да изнесува 100 проценти од основицата утврдена со закон, како и насочување кон спроведување јавни набавки од страна на државните органи, исклучиво од домашните компании кои не отпуштиле неосновано работници и не злоупотребиле од финансиската поддршка за исплата на платите.

Слични содржини