Во рамки на матичната Комисија за образование, наука и спорт, за петок е закажана јавната расправа врзана за нацрт-коцепцијата за основно образование.
Имено, како што информираше денеска, Министерката за образование и наука, Мила Царовска при посетата на Државната математичко-информатичка гимназија, на Комисијата ќе се сублимираат сите ставови, ќе се прикажат и забелешките и сугестиите кои пристигнаа до МОН до 20. јануари и кога заврши рокот, по што ќе се утврди што е конструктивно и прифатливо за унапредување на оваа концепција.
„На дебатата ќе се искажат можеби спротивставени ставови и ќе излеземе во јавност што конечно е прифатливо, што не е од забелешките, и мислам дека заеднички ќе донесеме став по ова прашање. Понатаму веќе влегуваме во фаза на усвојување и подготовка на наставните програми коишто се најзначајни, затоа што концепцијата е само прв чекор“, посочи Царовска.
Во однос пак, на државната матура, за која Средношколскиот сојуз бара поддршка од пратениците во Собранието за измени на Законот за средно образование со кои ќе се овозможи нивното барање за кратење на предметите од четири на два, министерката одговори дека законот е јасен и за оваа генерација државната матура ќе се спроведе според актуелниот концепт.
Посочи дека МОН има обврска да го оствари правото на над 14 илјади матуранти кои сакаат да ја полагаат државната матура и во законскиот рок ги пријавиле предметите по кои ќе бидат тестирани. Ретроактивно процесите, рече, не може да се вратат, но МОН ќе работи на нова концепција за државна матура за наредната генерација и за нејзиното подготвување ќе ги усогласува ставовите заедно со Сојузот на средношколците.