По бројните претставки за емисии во воздухот од Инситутот преку новата алатка за пријавување на загадување, Државниот инспекторат за животна средина констатираше дека Институтот за физикална терапија и рехабилитација во Капиштец работи без елаборат за животна средина, кој е обврзан законски да го поседува, по што е задолжен во најкус можен рок да го изработи, а оџаците од котлите на мазут да се чистат согласно правилникот од Дирекцијата за заштита и спасување.
Оттаму, Државниот инспекторат за животна средина вчера спроведе координиран надзор со инспектори за животна средина од Град Скопје.
„Чистењето оџаци го подобрува согорувањето и го намалува загадувањето. За постапувањето со медицински отпад немаше забелешки. Исто така, неопходно е да се спроведат мерења на емисиите во воздухот од страна на акредитирана лабораторија и да се подобри одржувањето на котелот, кој е во видливо лоша состојба. По обезбедување финансиски средства во најитен можен рок, треба да се напушти горењето мазут и да се премине на природен гас, да се вградат сончеви колектори и да се подобри енергетската ефикасност“, посочија од ДИЖС.
Меѓудругото тие посочија и дека продолжуваат со надзори во јавните институции во координација со овластените општински инспектори.