Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Бујар Османи утре на 5 февруари 2021, ќе оствари работна посета на Република Албанија.
За време на посетата, министерот Османи ќе се сретне со претседателот на Република Албанија, Илир Мета, со својот домаќин, министерот за европски и надворешни прашања на Република Албанија, Олта Џачка, со државниот министер за дијаспора Пандели Мајко и со претседателот на Демократската партија, Љуљзим Баша.
Се очекува на средбите да бидат разменети мислења околу состојбата со вкупната билатерална политичка и економската соработка, инфраструктурното и енергетско поврзување и други области од заеднички интерес за продлабочување на меѓусебните односи.
Посебен акцент ќе биде ставен на идните активности и меѓусебната координација на планот на европската интеграција на двете држави и очекувањата во текот на португалското претседавање во првата половина од оваа година, и во таа насока ќе бидат разгледани можностите за унапредување и на регионалната соработка.