„Мораме сите заедно да работиме во еден ист правец и да ги решиме проблемите после 3 децении. Сега е време, во кое мораме да го трансформираме општеството. Реформите и реорганизацијата која што ја правиме во моментот, ќе биде прифатлива“, вели вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски за емисијата „24 анализа“.
Тој соопшти дека како влада ќе се насочат во делот за борбата против корупцијата.
„Сите ни требаат тука и ги прифаќаме забелешките и ќе излеземе со конкретен акциски план. Заедно со Транспаренси Интернешнл Македонија ќе го правиме акцискиот план и постои голема политичка волја кај сите против овој голем проблем што го демне нашето општество“, изјави Николовски.
Вицепремиерот денеска одржа работен состанок со претседателката на „Транспаренси Интернешнл Македонија”, Слаѓана Тасева. На состанокот Николовски и Тасева разговараа за последниот извештај за „Индексот на утврдување на перцепцијата за корупција за 2020 година”.
Николовски и Тасева ги потврдија понатамошните заеднички активности, при што во следниот период ќе се пристапо кон подготовка на анализа на релевантните извештаи со цел нотирање клучни области во кои е потребно да се делува во престојниот период.