Бошњаците целосно го поддржуваат пописот на населението во кој ќе се вклучат со сите свои ресурси, изјави денеска Аделаид Каришик, координатор на „Координативното тело на Бошњаците“
На денешната прес-конференција беше посочено дека невладините организации „Шадрван“, „Лилиум Боснија“, „Диван Хана“, „Едуниса“, „Диван“, Форумот на Бошњаците, Бошњачката културна заедница и „Лиљан“, пратеникот Зекир Рамчиловиќ и колумнистот и политички аналитичар Џелал Хоџиќ застануваат зад оваа иницијатива, за доброто на Бошњаците.
Каришик најави и започнување на кампања во сите урбани и рурални места каде живеат Бошњаците. Главниот слоган на кампањата ќе биде „Битно је бити Бошњак/Бошњакиња“.
-Ќе организираме средби со Бошњаците во Скопје, Чаир, Бутел, Велес, Петровец, Долнени, Сарај, Студеничани, Градско, Струга, Тетово и сите други општини и населени места каде што живеат Бошњаци. Ќе делиме промотивен материјал согласно целта на кампањата. Ќе бидеме присутни на медиумите и социјалните мрежи, ќе поканиме во иницијативата да учествуваат и други интелектуалци Бошњаци, како од нашата држава, така и од БиХ, Санџак, Црна Гора, Србија, Косово и дијаспората. Во кампањата ќе вклучиме влијателни уметници, спортисти, писатели, политичари и други личности, рече Каришик, цитиран од МИА.