Холандија го сопира посвојувањето на деца од странство

од Stefanija Kuzmanovska
268 прегледи

Холандската влада одлучи да ги сопре сите посвојувања на деца од странство, откако официјална истрага открила дека многу деца биле незаконски посвоени. Истрагата се фокусираше на посвојување деца од Бангладеш, Бразил, Колумбија, Индонезија и Шри Ланка во периодот од 1967 до 1998 година, пренесува Би-Би-Си.

Холандскиот министер за човекови права Сандер Декер изјави дека владата не интервенирала со години, односно дека официјалните лица биле свесни дека нешто се случува неправилно, а многумина биле лично вклучени во посвојувањата.

„Ројтерс“ пренесува дека истрагата утврдила дека децата од тие земји главно биле купувани или крадени од нивните биолошки родители и дека истрагата немало да се случи доколку голем број на посвоени деца не поднеле барања да ги испитаат своите корени и да ги пронајдат биолошките родители.

По тој повод, беше утврдено дека нивните документи се или изгубени или фалсификувани, и дека нивното посвојување било незаконско.

Во последните 50 години, холандските родители посвоиле околу 40.000 деца од 80 земји, а таа практика се намалила во претходните години, така што во 2019 година, 145 деца биле посвоени од странство.

Во најтешките случаи, откриено е дека децата посвоени преку посредници биле украдени или купени под присила на биолошките родители.

„Верувам дека ова ќе биде болно за многумина, но да не заборавиме на причините за оваа одлука – со сопирањето на посвојувањето ги штитиме децата и нивните биолошки родители“, рече Декер и додаде дека останува на новата влада да одлучи дали новиот системот за посвојување би бил дизајниран да спречува вакви злоупотреби.

 

Слични содржини