Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска во своето обраќање кон граѓаните објасни дека пописот е една најважна статистичка операција.
– Како Министерство кое во фокусот ги има најранливите групи на граѓани, децата, работниците, пензионерите, лицата со попреченост, имаме реална потреба од попис организиран согласно стандардите на Обединетите нации и според правилата на Евростат, истакна министерката Шахпаска.
Таа додаде дека врз основа на податоците што ќе се добијат од пописот, Министерството за труд и социјална политика и Владата ќе можат да ги градат идните политики и стратегии, кои ќе овозможат ефикасен одговор на потребите на граѓаните.
– Од одговорот на прашањето каква е старосната структура на населението, зависат нашите политики за проширување на капацитетите во предучилишните установи, за изградба на домови за стари лица, посочи Шахпаска.
Министерката истакна дека потребите на пазарот на трудот и насоките во кои треба да се движат обуките и преквалификацијата на работната сила се важен предуслов за ефикасно намалување на невработеноста, но и за обезбедување економски раст.