Агенцијата за катастар: Легализирани над 15.000 дивоградби, воспоставена нова евиденција и за државниот имот

од Nikola Popovski
334 прегледи

Лани прифатени се 15 852 барања за легализација на недвижен имот, со што досега со актуелниот Закон за легализација со кој можеа да се легализираат дивоградби изградени до март 2011 година, вкупно се впишани 264.488 легализирани објекти, соопштуваат од Агенцијата за катастар на недвижности.

Со актуелниот Закон за легализација можеа да се легализираат дивоградби изградени до март 2011 година, а во роковите што се продолжуваа во два наврати беа поднесени 430 илјади барања за легализација. Во собраниска процедура веќе подолго време е Предлог закон со кој се предвидува нов рок за легализација на дивоградби за периодот од март 2011 до октомври минатата година, односно дивоградбите што не беа опфатени со актуелниот закон. Исклучок од можноста за легализација беа дивоизградените згради, надградбите на зградите, проширените тераси, како и дивоградбите во заштитеното подрачје на Охридскиот регион. За легализација требаше да се платат комуналиите плус казна од 50 проценти од износот за комуналии. Од ресорното Министерство најавенија промени на предложениот закон за легализација на дивоградби низ разговори со пратеничките групи и сите заинтересирани страни.

Минатата година вкупно биле примени 944.377 предмети, од кои решени 944.318, а пренесени од претходната година 1.608 предмети.

Од Агенцијата за катастар на недвижности велат дека покрај тековните активности годинава, планираат воведување повеќе новини со кои, меѓу останатото, ќе се овозможи јасна слика на целокупниот имот во сопственост на државата, но и мобилна апликација за сопствениците на недвижен имот.

-Поаѓајќи од стратешките приоритети на Владата за модерна и ефикасна јавна администрација базирана на дигитализација која обезбедува квалитетни и брзи услуги за граѓаните и деловните субјекти, АКН и во иднина ќе продолжи со имплементација на проекти и активности кои се во насока на зголемување на транспарентноста и зголемена употреба на геопросторните информации од страна на државните органи  и локалната самоуправа, појаснуваат од АКН.

Меѓу новините што ги планира Катастарот за годинава е воспоставување единствена евиденција врз основа на единствен идентификациски број (ЕИБ) за недвижниот имот во државна сопственост, како и недвижниот имот во државна сопственост што го користат државните органи и правните лица основани од државата.

 

Слични содржини