Започнува вакцинацијата во модуларната болница: Денес ќе бидат вакцинирани 280 здравствени работници

од Nikola Popovski
236 прегледи

„Вакцината на Фајзер е малку проблематична со доставата со самото патување од надвор. Таа треба да стои во посебни услови и температури од минус 30 до минус 70 степени. Далеку е од другите вакцини што сме ги имале досега, кои доаѓаат“, изјавија за „Утрински брифинг“, дел од медицинските работници кои ќе бидат задолжени за вакцинацијата во модуларната болница во склоп на Клиничкиот центар.

Според нив, Фајзеровата вакцина бара поголем третман и внатре се по 6 вакцини.

„Затоа поминавме по три обуки пред да дојдеме да вакцинираме. Ќе имаме по 6 лица на секои 15 минути, што значи еден термин ќе биде 15 минути. За денес е планирано да се вакцинираат околу 280 здравствени работници, а предност ќе имаат лицата кои работат во ковид-центрите“, велат од тимот за вакцинација.

Како што претходно објави, Министерството за здравство, во втората фаза ќе се вакцинираат лица постари од 65 години, лица од 18 до 64 со придружни болести или здравствени состојби со висок ризик. Во оваа фаза се опфатени и здравствените работници од Институтот за јавно здравје и Центрите за јавно здравје, фармацевтите, стоматолозите, другиот здравствен персонал, вработени во други витални институции, новинарите, вработени во образовни институции и градинки…

Во третата фаза за вакцинација се преостанатите групи на граѓани од дејности како прехрана, транспорт, производство на лекови, комунална хигиена, банкарски сектор, земјоделие, лица коишто не можат да одржуваат физичка растојание, и на крајот практично сите граѓани кои сакаат да примат вакцина на возраст од 18 до 64 години.

До крајот на февруари, како што најавија домашните власти, се очекуваат да пристигнат и првите дози од кинеската вакцина, од која се нарачани 200 илјади дози, а потоа во март и оние од преку Ковакс механизмот.

Слични содржини