Во своето гостување во „Топ тема“, министерот за здравство, Венко Филипче посочи дека без проблеми тече првиот ден на вакцинација во Модуларната болница во Клиничкиот центар, и истакна колку вакцини и од каде очекуваме да пристигнат во следниот период. Имено, меѓудругото, уште еднаш потврди дека вакцините се безбедни и сигурни и не треба да постои скептицизам кај граѓаните.
„Започна процесот утринава во 10 часот, претходеа сериозни подготовки во рамки на вакцинацијата во делот на едукација, примена на вакцината, чување на вакцините по препорака на Фајзер, како и регрутација на здравствениот персонал. Очигледно е дека пресметките на опозицијата не им оди. Станува збор за вакцинирање на 300-500 луѓе само во пунктот на Модуларната болница во Кличниот центар и со таа динамика многу брзо ќе стигнеме до бројката од 4000 вакцинирани здравствени работници. Со тоа, ќе станеме една од ретките земји со комплетно вакциниран здравствен персонал. Самата вакцина може да стои во обичен фрижидер во рок од 5 дена, но сакавме почетокот на да биде централизиран и да биде под контрола. Начинот на кој ги регрутиравме здравствените работници, беше преку писмо до секој директор, по што ги добивме списоците назад, и потоа се изготви распоредот“, посочи Филипче.
За тоа колку здравствени работници се расположени да ја примат вакцината и дали тоа го подгрева скептицизмот кај граѓаните во однос на квалитетот на вакцините, Филипче вели:
„Навистина имавме многу информации и настапи со кои се поткрепуваа антивакциналните тези. Но, голем дел од здравствените работници изразија желба да се вакцинираат. Вакцините се безбедни повторно ќе кажам и изготвени на сигурни платформи. 800.000 дози очекуваме преку Ковакс системот до крајот на март, исто толку очекуваме и од Фајзер со кого сме во последна фаза на договор, а 200.000 знаеме дека се очекуваат од
„Синофарм“ на крајот од овој месец“.