Оштетени штедачи: Доделени кредити од 900 илјади евра на две поврзани ултра ризични фирми дадени во неповрат

од Nikola Popovski
304 прегледи

Според извештајот од Стечајниот управник фирмата за производство на мебел АРБОР ДИЗАЈН ДООЕЛ СКОПЈЕ нема вратено кредит во Еуростандард банка од околу 440 илјади евра ниту има платено една рата откако го има земено кредитот пред повеќе од една година пред да се затвори банката во август минтатата година. Фирмата е основана во јануари 2009 година, со седиште во село Орешани, општина Зелениково, со непаричен влог од 5 илјади евра и депонентна сметка во Комерцијална банка. Фирмата има еден сопственик и воедно управител и вкупно 7 вработени. Од увидот во билансите фирмата има континуирани долгови кои во минатите неколку години се зголемуваат и се движат од 380 до 620 илјади евра. За истиот период задолженоста на фирмата се движела од 120 до 145 отсто, што значи вредноста на фирмата била далеку помала од нејзините долгови. За целиот изминат период, бонитетот на фирмата е со најлоша можна оценка односно таа е оценета како високоризична за соработка“, соопштуваат од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.

„Истиот сопственик има и друга фирма АРБОР ИНТЕРИОР СОЛУТИОН ДООЕЛ СКОПЈЕ наведена во извештајот на Стечајниот управник која земала кредит од Еуростандард банка од околу 470 илјади евра на основа на обична меница. И овој кредит е земен во исто време како и кредитот од првата фирма и нема платено ниту едан рата повеќе од една година. Оваа фирма е основана во ноември 2014 година, овој пат со дејност во градежништвото, со непаричен влог од 5 илјади евра и со седиште во општина Кисела Вода во Скопје. Фирмата има еден вработен. Билансите на фирмата велат дека во минатите неколку години таа имала приходи од 8 до 25 илјади евра и долгови од 85 до 420 илјади евра. Како и во првата фирма задолженоста се движела од 110 до 120 отсто, што значи вредноста на фирмата била далеку помала од нејзините долгови.

Како е можно ваков криминал да помине незабележано со години? На основа на кои документи и анализи раководството од ограбената банка одобрило кредити во вкупна вредност од над 900 илјади евра на овие две високоризични и презадолжени фирми од еден ист сопственик, со континуирани загуби и многукратно големи долгови!? И двете фирми не биле кредитоспособни да добијат вака големи кредити и во исто време. Неможат да ги вратат, немаат ни со што, не платиле ниту една рата откако ги земале кредитите. Едноставно, било договорено кредитите да не се вратат, а нашите украдени пари да се поделат.

Овој грабеж на нашите депозити не смеел да помине неказнет и без никаква активност за запирање на истиот од гувернерката Анита Ангеловска Бежоска. Таа не ја извршувала основата задача на надзор над банката соодветно и навремено, а примерите од делени неконтролирани високоризични кредити во ограбената банка со години се многубројни.

Воедно, сопствениците и управители на оние фирми кои земале кредити во стотици илјади или милиони евра, а не платиле ниту една рата и со години, неможат да останат неказнети. Сите тие знаат како и каде завршиле подарените кредити бидејќи соучествувале во криминалот и очигледно ги поделиле нашите пари. Парите мора да се вратат на граѓаните и фирмите депоненти во лиценцираната и контролирана, но ограбена финансиска институција. Одговорност мора да има за сите учесници во овој организиран криминал. Тоа е задача на нашите надлежни институции. Само со позитивен исход ќе допринесат во подобрувањето на перценцијата за корупција во земјава, за наредната година таа да се намали, а не да се зголеми. Криминалот мора да се реши и украдените пари да се вратат во целост“, додаваат оттаму.

Слични содржини