Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) на денешната седница констатира дека во врска со случајот на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа е прекршен Кодексот за однесување на членовите на Владата односно принципот на владеење правото и оти носителите на извршните функции ги вршат своите овластувања и должности во согласност со уставот и законите.
Антикорупционерите остануваат цврсто на својот став поранешниот член на Ргулаторната комисија Куштрим Рамадани не може и не смее да биде именуван за директор на МЕПСО поради законските органичувања и судир на интереси. Тие побараа да се поведе прекршочна постапка против Рамадани, но имаше двојба по кој член од законот за спречување на корупција па затоа резултатот беше 4 гласа за и три против. Одлуката падна на член 105 кој предвидува казна од 300 до 500 евра.
„Предлагаме да се поведе прекршочна постапка против службеното лице Куштрим Рамадани, согласно членот 105 став еден алинеја седум во однос на членот 47 став 2 алинеја три од Законот за спречување корупција и судир на интереси“, изјави претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.
Рамадани е кадар на ДУИ, а во имотниот лист што го доставил во Антикорупциската комисија навел дека поседува куќа од 300 квадратни метри во Куманово, земјиште во с. Опае и возила марка „мерцедес“ и „ситроен“.
На денешната седница беа затворени предметите за скопскиот градоначалник Петре Шилегов и екс министерот Наќе Чулев откако истрага антикорупционерите не ги потврдила наводите дека Град Скопје плаќал на адвокатската канцеларија на градоначалникот за консултантски услуги а мобилните апарати кои ги набавил Чулев биле далеку под законски дозволениот лимит.