Швајцарија би можела да се откаже од нарачаната вакцина на „АстраЗенека“ против ковид-19, но раскинувањето на договорот со таа британско-шведска компанија во моментов не е опција, иако може да се разгледа, објави во неделата весникот NZZ am Sontag.
Швајцарија побара повеќе податоци за ефикасноста и квалитетот на почетокот на овој месец пред да ја одобри вакцината, која доби зелено светло од ЕУ.
Повикувајќи се на Федералната канцеларија за јавно здравје (БАГ), весникот пишува дека локалните власти шпекулираат дека владата сака да ја откаже својата нарачка, што може да се случи ако анализата покаже дека вакцината не е доволно ефикасна.
„Сè уште не е познато што ќе се случи со „АстраЗенека“, но раскинувањето на договорот во моментот не е опција, иако може да се преиспита доколку се покаже дека е потребно“, рече Бора Крониг, заменик директор на БАГ.
Швајцарија, која нарача 5,3 милиони дози од вакцината на „АстраЗенека“, ги чека резултатите од тестовите во Северна и Јужна Америка.
Франција, Белгија и Германија ја препорачуваат оваа вакцина на луѓе до 65 години.
„АстраЗенека“ тврди дека постарите учесници во клиничките испитувања покажале силен имунолошки одговор на нивната вакцина. Компанијата е критикувана за вклучување на премалку стари лица во клиничките испитувања.