Општина Центар награди 16 учесници на конкурсот „Моето детство во пандемија“.

од Vladimir Zorba
213 прегледи

Општина Центар награди 16 ученици од основните училишта на територијата на оваа општина кои учествуваа на литературниот конкурс на тема „Моето детство во пандемија“, распишан по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик – 21 февруари.

Учениците добија благодарници за нивната успешна работа и подарок книги од Просветно дело, како поддржувач на општинскиот литературен конкурс. -Идејата за литературниот конкурс, велат од Општината, беше инспирирана од глобалната здравствена криза со коронавирусот и нејзиното влијание врз психолошката состојба кај учениците и нивните промени во однесувањето.

На конкурсот учествуваа ученици од сите осум општински училишта во Центар, односно, ученици од одделенска настава од трето до петто одделение и ученици кои посетуваат предметна настава.

-Сметавме дека овој литературен конкурс ќе ги поттикне учениците да творат и на креативен начин да ги искажат негативните емоции предизвикани во време на пандемија. Би сакал да им честитам на првонаградените ученици и нивните ментори за успешната работа, изјави градоначалникот Саша Богдановиќ.

Со почетокот на второто полугодие од учебната година, Општина Центар во соработка со педагошко – психолошките служби во основните училишта во Центар, започна да спроведува тематски часови и консултативни средби со учениците и родителите. Целта е стручните служби да разговараат за актуелни и чувствителни теми, како и насоки за позитивно однесување за полесно справување со последиците од коронавирусот.

Слични содржини