Мицкоски: Собрани нови 20 илјади потписи, вкупно 45 илјади

од Vladimir Zorba
300 прегледи

„Денес се собрани нови 20 илјади потписи против фалсификат на пописот кој на сила го турка власта. За два дена собрани се 45 илјади потписи“, соопшти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на својот Фејсбук профил.

„Благодарност до секој еден граѓанин за поддршката. Никој повеќе го нема правото да го игнорира народот, затоа што народот е силата, енергијата и кај него е вистината. 45 илјади потписи за вистински попис. Но и многу поширока порака за власта, која ако сега не ја разбираат, ќе ја разберат многу скоро. Македонската пролет доаѓа!“, пишува Мицкоски.

Претходно од СДСМ соопштија дека во време кога државата, по речиси 20 години се подготвува за попис на населението, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се обидуваат да ја закочат и саботираат оваа статистичка операција.

„Иницијативата за собирање партиски потписи против Законот за попис нема да го спречат овој процес важен за граѓаните и за иднината на државата. Овој потег на Мицкоски е само за внатрепартиска употреба и за исполнување на сопствени хирови. Пописот кој ќе се одржи оваа пролет, ќе биде спроведен согласно сите меѓународни стандарди и конечно, како држава ќе имаме целосни, прецизни и релевантни податоци кои ќе послужат за креирање на издржани долгорочни политики за развој“,истакнаа од СДСМ.