Коментирајќи ги предизборните активности на албанскиот претседател Илир Мета, премиерот на Албанија, Еди Рама, истакна дека Мета го изгубил разумот.
Тој рече и дека не е подготвен да ја извршува претседателската должност, пренесува порталот „Репортери“.
Албанскиот премиер Рама тврди дека незаконските активности на албанскиот претседател Мета се гледаат на секој чекор и дека тој ги крши законите и Уставот, претворајќи го, како што додаде, кабинетот на претседателот во канцеларија на партијата.
„Сите јасно ги гледаат незаконските активности на Илир Мета. Мета не е дораснат на задачата пропишана со уставот, а за некој кој го изгубил разумот нема никакво оправдување“, рече Рама.
Албанскиот премиер истакна дека Мета деноноќно мисли на изборната кампања и не ги исполнува своите претседателски должности.
„Дури и нема потреба да го коментирам претседателот кој зборува против владата, кој зборува на уличен јазик и деноноќно води изборна кампања. Мета го стави кабинетот на претседателот на располагање на партијата, која формално ја води неговата сопруга, што е исто така излишно да се коментира. Сите тоа го разбираат и гледаат и ќе гласаат во согласност со тоа на 25 април“, рече Рама.