Израел донира вакцини во замена за нормализирање на односите со некои земји?

од Nikola Popovski
174 прегледи

Израел донираше ограничена количина вакцини за коронавирус на палестинските власти и на некои земји, соопшти денеска кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Претходно оваа недела, Военото радио објави дека Нетанјаху размислува да донира вакцини на земји со кои нема дипломатски односи, во замена за нормализирање на дипломатските односи, пишува „Eрусалим пост“.

Како што се наведува, меѓу земјите кои примиле вакцини од Израел се и Хондурас и Гватемала, кои ги преместиле своите амбасади во Ерусалим, а одредена доза ќе добие и Чешка, која според извештаите на медиумите, планира да отвори амбасада во Ерусалим.

Кабинетот наведува дека многу земји побарале помош од Израел, кој е водечка земја во светот за вакцинирање на населението од коронавирус, и побарале донации за вакцини.

„Израел не произведува вакцини и на земјите што побараа вакцини им беше кажано дека количината што ја нарачал Израел е наменета за вакцинирање на неговата популација и дека нема да може да помогне додека не заврши вакцинацијата во Израел“, соопшти кабинетот на Нетанјаху.

Понатаму е наведено дека минатиот месец се акумулирало ограничено количество на неискористени вакцини, и затоа е одлучено да се даде симболична сума на палестинските здравствени работници и некои земји кои тоа го побарале од Израел.

Израел увезува вакцини Фајзер и Астразенека и досега скоро 50 проценти од девет милиони жители ја примиле вакцината Фајзер, но тоа беше мета на критики заради тоа што не обезбеди вакцини за Палестинците во израелскиот дел на Западниот брег и Појасот Газа, пренесува Ројтерс.