Случај „Јавна соба“: Активистите со рок за расчистување до 8 март, во спротивно ќе следат нови протести

од Nikola Popovski
368 прегледи

Платформата за родова еднаквост, која беше организатор на протестите против скандалот со „Јавна соба“, денеска го потсети обвинителството на обврската за навремено и ефикасно гонење на сите членови во групите кои шират порнографија и експлицитни фотографии од жени и девојчиња.

Од Платформата бараат обвинителството и Советот итно да испорачаат конкретни резултати по нивните барања со рок до 8 Март, кои ќе покажат дека конечно овие институции преземаат мерки.

„Затоа, господин Љубомир Јовески – републички јавен обвинител и Ацо Колевски – претседател на Советот на обвинители, ве потсетуваме на обврската за навремено и ефикасно кривично гонење на сторителите согласно Кривичниот законик. Одговорот на институциите ги потврди нашите наводи дека обвинителството не доволно ги заштитува жртвите од родово засновано насилство. Постапките не се водат доволно стручно и професионално. Ниту една мерка за спречување и заштита од насилство нема да го има посакуваниот ефект ако насилниците не се гонат кривично и избегнуваат одговорност. На ваков начин се праќа порака дека насилството врз жените не е казниво, а насилниците се охрабруваат да продолжат со своето однесување“, порача Јана Коцевска од Платформата за родова еднаквост.

Таа додава дека според искуствата на жените кои со години добиваат бесплатна правна служба, постојат бројни пропусти во водењето на постапките.

„Од страна на обвинителствата има ненавремено покренување на обвинителни акти, неефикасно или без должно внимание раководење со предистражни и истражни постапки што резултирало со ненавремено или воопшто необезбедување на релевантни докази, како и непреземање на мерки кон сторителот за да се спречи продолжување на насилството кон жртвите“, истакнува Коцевска.

Од Платформата за родова еднаквост потсетија на нивниот рок до 8 март што ѝ го дадоа на државата за да покаже резултати во заштитата на жртвите од родово базирано насилство и сексуално вознемирување. Тогаш најавија дека ќе излезат на нов протестен марш за „будење“ на институциите.

„Нема да престанеме да го адресираме ова прашање, ќе продолжиме да протестираме“, порачаа активистите.

За случајот со групите во кои се шират фотографии од малолетнички и лични податоци од жени и девојки, од неодамна во притвор се двајца скопјани на возраст од 21 и 32 години.

Тие се осомничени за групата „Јавна соба“, која се појави во декември 2019 година – случај кој сѐ уште е во истражна постапка и засега нема обвинение. Обвинителството бараше притвор поради сомнение за кривично дело производство и дистрибуција на детска порнографија, дело кое се казнува и до 8 години затвор.

 

 

Слични содржини