Општина Охрид продолжува да постапува согласно препораките на УНЕСКО. Во тек е тендерска постапка за избор на фирма која ќе работи на отстранување на дивоградбите на охридското крајбрежје, сподели денеска градоначалниот на градот, Константин Георгиески.
Во меѓувреме, додава, поднесени се кривични пријави за узурпација на државно земјиште. – Станува збор за правни и физички лица кои вршеле дејност преку користење на плажите на крајбрежјето, при што се стекнале со износ по основ на закуп, кој до денеска не го подмириле, додаде Георгиески.
Тој ги потврди информациите дека на местото на ресторанот „Парк“ ќе се гради хотел на три ката и потпокрив. Појасни дека се работи за завршена постапка, за која е обезбедена сета потребна документација и таа градба не може да биде правно оспорена.
– Локалната планска документација е усвоена од Советот на Општина Охрид во ноември 2009 година. Врз основа на изготвената урбанистичко-планска документација издадено е правосилно одобрение за градење, што предвидува инвеститорот да ја острани постојната градба…Согласно правосилното одобрение за градење од 2018 година на предметната локација ќе се гради хотел со приземје, три ката и потпокрив, рече Георгиески.
Додаде дека запазени се сите тогашни важечки законски процедури и постапки.
– Одобрението е правосилно и согласно тоа одобрение, таму може да се гради, вели градоначалникот на Охрид.