Во рамки на своето гостување во Студио 10, Билјана Бејкова од НВО Инфоцентарот посочи дека Ковид кризата на повидок ги исфрлила потребите од вистински инспекциски надзор, како на национално, така и на локално ниво.
Според податоците, над 40% од граѓаните сметаат дека инспекторите во својата работа зависат од градоначалниците. Исто толку отприлика сметаат пак, дека општинските инспектори не се професионални и ефикасни, како и тоа дека наместо да ги штитат граѓаните и јавниот интерес, застануваат зад интересот на политичките и бизнис-моќниците.
„Ние долги години работиме на локално ниво, работиме со општини, граѓански организации, работиме на борба против корупцијата. Сметавме дека е добро да се позанимаваме со локалниот инспекциски надзор. Перцепцијата на граѓаните покажува дека тие не се секогаш толку видливи, но перцепцијата за нив е многу видлива дека се корумпирани и зависат од волјата на градоначалниците. Вистината е секогаш некаде помеѓу. Градоначаниците ги поставуваат локалните инспектори“, посочи Бејкова.