Николовски: Визијата на Трајковски за евроинтеграцијата, членството во НАТО и грижа за граѓаните, денес се остварува

од Vladimir Zorba
255 прегледи

Делегација на Владата на Република Северна Македонија, составена од заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, денеска присуствуваа во Ротмиље, Босна и Херцеговина, на одбележувањето на 17-годинишнината од смртта на претседателот Борис Трајковски.

На положувањето цвеќе на спомен обележјето, вицепремиерот Николовски, истакна дека Трајковски ќе остане запаметен по неговите заложби и вредности за мир, единство и европска држава, а неговата визија за евроинтеграцијата, членството во НАТО и грижата за граѓаните, денес се остварува.

„Денеска заедно со министерската за труд и социјална политика Шахпаска и со сите присутни од босанската и од македонската делегација, тука во Ротмиље, Босна и Херцеговина, оддаваме почит и чест на ликот и делото на претседателот Борис Трајковски, членовите на кабинетот и на екипажот на авионот, кои на ова место, трагично ги загубија животите. И по поминати 17 години од смртта на претседателот Трајковски, неговите заложби и вредности за мир, единство, за интегритет, за европска држава, се сѐ уште свежи. Секогаш ќе го паметиме како човек кој имаше визија за успешна Македонија, како човек кој беше умерен реформатор и миротворец“, вели Николовски.

Секогаш ќе остане запаметен, истакна вицепремиерот, и по неговата клучна улога како предводник на дијалогот за мирно решавање на конфликтот во 2001 година, со кој се стави крај на оружените дејствија и се спречи тенденцијата за граѓанска војна во државата.

„Со голема умереност во етничкиот дијалог, расправајќи за поголема вклученост на етничките Албанци, претседателот Трајковски одигра клучна улога во решавањето на конфликтот, како и во процесот на помирување и склучувањето на Охридскиот рамковен договор. Овие негови лидерски вредности беа од исклучителна важност во еден тежок период во којшто се наоѓаше нашата држава. Неговата визија за европска интеграција, за членство во НАТО, за грижа за граѓаните, единство, мир и стабилност – денес се остварува. Ги исполнуваме неговите ветувања за стратешките цели на државата. Соединетите Американски Држави се наши стратешки партнери и сојузници. Северна Македонија стана 30-та земја членка на НАТО. Го трасиравме патот и на чекор сме до влез во Европската Унија. Нашата држава е пример во регионот за единство, соживот и мир“, додаде тој.

Слични содржини