Одобрените вакцини се добри, треба да се вакцинира со било која, тврди Фаучи

од Vladimir Zorba
209 прегледи

Ентони Фаучи, главен експерт за инфективни болести во САД, во неделата изјави дека ќе биде вакциниран со новоодобрена вакцина против Ковид-19, произведена од „Џонсон и Џонсон“ (Ј & Ј) и ги повика Американците да се вакцинираат со која било од трите одобрени вакцини.

„Сите три се навистина добри, и луѓето треба да ја земат онаа што им е најпристапна. Ако сте некаде и имате J&J, а тоа е вакцина што е моментално достапна, јас би ја земал“, рече Фаучи во емисијата „Meet the Press“ на „NBC“.

Владата на САД одобри вакцина со единечна доза против Ковид-19 од „Џонсон и Џонсон“ во саботата, со што вакцината стана трета достапна по Фајзер/Бајонтек и Модерна. Двете вакцини бараат две дози, пренесува Хина.

Испораките на вакцините Ј & Ј во центрите за вакцинација треба да започнат во недела или понеделник.

И Фајзер и Модерна вакцините покажуваат повисоки стапки на ефикасност во испитувањата со употреба на две дози за разлика од единечна доза на вакцини J&J. Сепак, директната споредба е тешка бидејќи испитувањата имаа различни цели, а вакцината J&J беше произведена додека веќе беа во оптек повеќе заразни видови на вирусот.

„Сега имате три многу ефикасни вакцини. Нема сомнение во тоа“, рече Фаучи.