Директорот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Адана Гебрејесус, денес изјави дека е жално што помладите и поздрави луѓе во некои богати земји се вакцинираат пред загрозените здравствени работници во земјите во развој.
Тој на прес-конференцијата рече дека, благодарение на напорите на програмата на ООН Ковакс, вакцинацијата започна во Гана и Брегот на Слоновата Коска, но тој се жали дека тоа се случува само по три месеци од почетокот на имунизацијата во некои други земји како Велика Британија, САД и Канада.
Тедрос рече дека за прв пат во седум недели, бројот на случаи на ковид-19 ширум светот се зголеми минатата недела, што е разочарувачко, но не изненадува.
СЗО работи на подобро разбирање зошто е зголемен бројот на пациенти и сите индикации се дека главната причина е олеснување на мерките, рече тој.
Високиот службеник за итни случаи на СЗО, Мајкл Рајан, рече дека е премногу рано и нереално да се очекува пандемијата да се запре до крајот на годината, но дека ефективните вакцини секако ќе придонесат за намалување на бројот на хоспитализирани и мртви.
Тој рече дека фокусот треба да биде насочен кон намалување на инфекцијата со ковид-19.