Почна самопопишувањето-дијаспората има проблем

од Берта Китинска
199 прегледи

Почнаа да се самопопишуваат македонските државјани што живеат во странство.

Министерот за правда Бојан Маричиќ порача дека пописот се одвива според стандардите на Евростат и апелираше сите граѓани да се приклучат.

„Веќе е отворен и Регистарот за дијаспора на интернет-страницата на Заводот за статистика и, според моите информации, сè тече во најдобар ред“изјави Маричиќ, кој беше во посета на КПУ „Куманово“, каде што почнаа да се попишуваат и затворениците.

Од опозицијата велат дека пописот во Македонија започнува на 1-ви април и декадо тогаш може да се поднесе закон за поништување на Законот за попис.

„Сепак СДСМ -ДУИ пак ќе го изгласаат по брза постапка и пописот во Република Македонија ќе започне.А, секојдневно вртоглаво растат бројките на заразени од вирусот КОВИД-19, а се уште нема вакцини ниту за граѓаните, ниту за попишувачите од СДСМ. И поради ваквата ситуација логично е да се бара одложување на пописот, но Владата за жал не ја интересираат жртви. Владата е насочена единствено кон договорени проценти“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, побара Државниот завод за статистика да ги отстрани проблемите на дијаспората, бидејќи нивната партија добила поплаки дека не можат иселените лица да ја завршат постапката за попис преку интернет.

„Се надевам дека е технички проблем, дека не се работи за намерен проблем од страна на Заводот за статистика кој би имал за цел да секој петти, шестти или седми да го исфрли од пописот, бидејќи на тој начин пописот нема да биде валиден. Затоа ја користам приликата да се обратам јавно до директорот на Заводот ако се работи за технички проблем да се преземат мерки и да се регулира овој проблем. Да се обратам и на дијаспората-секој кој не може да се попише онлајн да се јави на семејството и блиските во Македонија да ги дадат податоците за тие да ги попишат. Цениме дека е многу важно пописот да се одржи, после 20 години немање попис“, рече Села.

Директорот на ДСЗИ, Апостол Симовски Симовски изјави дека земјите кои имаат проблем со миграцијата можат да ги евидентираат граѓаните кои не живеат во нив

„Согласно препораките на ОН, кои се прифатени и од Евростат, задолжително е да се опфатат резидентното население со пописот. Меѓутоа стои и глава 8, во која стои дека земјите кои имаат проблем со миграцијата, можат да ги евидентираат и своите граѓани, кои се надвор од државата, со тоа што не можат да се вбројуваат во категоријата, вкупно резидентно население“, изјави Симовски за емисијата „Топ тема“.

Тој најави дека во среда, ќе се спроведе попишувањето на бездомниците и на припадниците на армијата.

Слични содржини