Во случај, општина Охрид да не усвои акт за прогласување на „ништовно“ одобрение за градба на објект на се уште постоечкиот ресторан „Парк“, од граѓанската иницијатива „Охрид SOS“ најавија дека ќе покренат тужба против градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.

Како што велат од граѓанската иницијатива, Гооергиески ја лажел јавноста со исказите кои ги изнел пред медиумите, односно образложението дека нема правна можност за оспорување на уривањето на ресторанот „Парк“ и градење хотел на истата локација.

Од таму посочуваат и дека се очекува реакција од страна на Министерството за култура, односно кривична пријава против градоначалникот поради фактот дека му дозволил на инвеститорот да го прекрши законот и со тоа да го загрози јавниот интерес преку заштита на урбаната мафија.

Членот 66 од Законот за градење се однесува на постапката на градење според која доколку инвеститорот не почне со градба на ојектот две години од добивањето на одобрението за градење, истото одобрение престанува да важи односно се прогласува за ништовно.

Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески по реакциите на јавноста по отпочнувањето на подготвителните активности за уривање на ресторанот „Парк“ во месноста „Горица 1“ ги свика медиумите за пред нив да каже дека се работи за завршена постапка, за која е обезбедена сета потребна документација и градба што во овој миг не може да биде правно оспорена.

„Локалната планска документација е усвоена од Советот на Општина Охрид во ноември 2009 година. Врз основа на изготвената урбанистичко-планска документација издадено е правосилно одобрение за градење, што предвидува инвеститорот да ја острани постојната градба…Согласно правосилното одобрение за градење од 2018 година на предметната локација ќе се гради хотел со приземје, три ката и потпокрив до венец 13,5 метри“, посочи своевремено Георгиески.

По однос најавите за уривање на ресторанот се огласи и Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) кои, исто така побараа запирање на постапката се до целосен увид во плановите и проектите за новиот објект, како и стручна анализа за усогласеноста на Урбанистичкиот план со Плановите од повисоко ниво и законската регулатива.

 

 

Слични содржини