За 19. март одложено рочиштето за случајот „Талир“ во кој се терети партијата ВМРО ДПМНЕ за незаконско финансирање.
Иако уредно повикан, портпаролот на партијата, Наум Стоилковски денес не присуствуваше на рочиштето.
„Судот констатира дека заради отсуство на претставник на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ главната расправа се има одложено повеќе пати и затоа го опоменува. Судот го задолжува претставникот да ги надомести трошоците за оваа главна расправа“, истакна судијата Османи Шабани.
Во овој предмет обвинети се: Никола Груевски, на кого му се суди во отсуство, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески кои се товарат за „злоупотреба на службената положба и овластувања“ и „перење пари“, како и Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска обвинети само за делото „перење пари“. Чингаровска призна вина и се спогоди со обвинителството, за што доби условна казна од две години.
За истото дело, како правен субјект со обвинението опфатена е и политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.