„Вештакот на СЈО згрешил, погрешно утврдил поминати километри со моето возило“, напиша Бонева по денешното судење

од Nikola Popovski
337 прегледи

„Вештакот на СЈО призна дека погрешно утврдил помал број на поминати километри со моето возило, што е идентичен со погрешно утврдените километри на СЈО, објавени од обвинителката Фатиме Фетаи 7 месеци пред тој да биде ангажиран како вештак“, напиша на својот Фејсбук профил, поранешната пратеничка Силвана Бонева, против која беше поднесен обвинителен акт во врска со фискалните сметки кои ги приложувала за надомест на патни трошоци.

Таа се товари за незаконита исплата на средства за патни трошоци во значителен вкупен износ од 6 458 551 денари.

„На денешното рочиште што туку што заврши, се потврди дека вештакот на обвинителството изготвил еднострано вештачење, анализирајќи ги само податоците што му ги дале од СЈО, а воопшто не земајќи ги во вид моите докази, како што се доказите за извор на средства за исплата на станот, доказите за живеење во Струмица, доказите за моето континуирано патување на релација Струмица – Скопје – Струмица, како и доказите за потребата од користење на други две возила кога моето беше на поправка по 9те сообраќајќи или кога не можев да возам заради здравствени причини.

Исто така, се утврди дека вештакот на СЈО ем погрешно утврдил помал број на поминати километри со моето возило, ем идентично го препишал во вештачењето баш истиот тој број на погрешно утврдени километри од СЈО што беше објавен од обвинителката Фатиме Фетаи 7 месеци пред да биде ангажиран како вештак. По мое реагирање, судијата даде пауза за вештакот на СЈО да го пресмета уште еднаш точниот број на поминати километри, по што истиот призна дека направил грешка и погрешно утврдил помал број на поминати километри со моето возило!“, информира Бонева.

На денешното сведочење, сведочеле и двајца вработени во собраниските служби кои често пати ја превезувале на неколку локации со службен автомобил. Најчесто кај Александар Палас и странски амбасади на приеми.

„Јас колку што се сеќавам најчесто госпоѓата Бонева се симнуваше кај Макпетрол Авто Македонија, тука, тој потег, после тоа мислам дека таа улица се вика „50-та Дивизија“, тоа е едносмерната улицата каде што излегува од Клинички центар и се спојува со Булеварот на Водњанска и третото место каде што сум ја оставал е спроти Министерството за внатрешни работи“, изјавил вели сведокот Љупчо Стружанчев.

Според обвинението таа од почетокот на 2011 година имала сместување – станови во Скопје и не патувала за присуство на секоја седница на Собранието на релација од Струмица до Скопје и обратно, а лажните фискални сметки биле обезбедени од други лица кои патувале и потоа овие фискални сметки ги приложувала кон налозите за службени патувања. Поранешната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе го собори обвинението со речиси 7000 докази.

Судењето во овој случај го води судијата Марин Станевски, а обвинението е застапено од обвинител Артан Ајро.

Слични содржини