Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ во разговорот со специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, рече дека трансферот на власта во Црна Гора потврди дека во таа земја има „нов капацитет за демократска култура“.
Како што соопшти неговиот кабинет денес, Ѓукановиќ ја истакнал и потребата да се потврди во новите услови целосното разбирање на улогата на Црна Гора како членка на НАТО и практиката „да не се работи спротивно на европските стандарди се додека Црна Гора е во партнерство со Европската унија“.
За време на разговорот синоќа во Подгорица, Ѓукановиќ изјави дека европските политички сили во Црна Гора се решени да поддржат сè што ја води земјата кон Европа и со тоа да придонесат за одржување на доминацијата на проевропската мисла на Западен Балкан.
Лајчак ја истакна важноста од почитување на заложбите на земјата во преговарачкиот процес и во партнерство со Европската унија, се вели во соопштението.
Тој исто така ја поздрави „зрелата и одговорна реакција на државата што ја покажа претходната влада по резултатите од изборите“.
Лајчак го изрази и очекувањето на Брисел дека Црна Гора ќе одржи политика на соработка и усогласување со политиките и позициите на ЕУ, вклучително и преку консултации при дефинирање на законските регулативи и усогласување со мислењето на Венецијанската комисија.