Историска посета: Папата пристигна во Ирак

од Vladimir Zorba
368 прегледи

Папата Франциско пристигна денес во Ирак, што е прва посета на поглавар на Римокатоличката црква во таа земја, но и прва посета во странство од почетокот на пандемијата на коронавирусот. Од епидемиолошки и безбедносни причини, ова е најризична посета што 84-годишниот папа, како што истакна, ја смета за своја обврска, пренесува Би-Би-Си.

Ова е прва посета на поглаварот на Католичката црква на таа земја, а Папата е придружуван од повеќе од 70 новинари.

Папата ќе се обиде да ја смири христијанската заедница и да го зајакне меѓурелигискиот дијалог, за време на кој ќе се сретне со водачот на шиитските муслимани во Ирак.

Папата ќе одржи миса и на стадионот во Ирбил.

Ирак ќе распореди околу 10.000 припадници на безбедносните сили со цел да го заштити Папата, а полицискиот час е веќе во сила поради ширењето на коронавирусот.

Бројот на христијани во Ирак се намали од 1,4 милиони на околу 250.000 во последните две децении, што е помалку од еден процент од населението.

Многу христијани ја напуштија земјата заради насилството по американската инвазија во Ирак во 2003 година, кога беше соборен Садам Хусеин.

Исто така, десетици илјади христијани беа раселени кога џихадистите од Исламска држава го освоија северниот дел на Ирак во 2014 година и уништија многу цркви.

Слични содржини