Падот на акциите на технолошките фирми оваа недела збриша скоро 90 милијарди долари од пазарната капитализација на американскиот производител на електрични автомобили Tesla, објави Блумберг.
Загубата ги надмина индивидуалните проценки на околу четири петтини од компаниите во индексот S&P 500. Цената на акциите на Тесла падна на околу 600 американски долари нешто по 19 часот по македонско време во петокот, на најниско ниво од 10 декември. Акциите избришаа околу 17% од нивната вредност за само една недела, што ги зголемува нивните загуби за 2021 година на 20%.
Поскапувањето на акциите, што и помогна на компанијата предводена од Елон Маск да се приклучи на индексот S&P 500, драстично опадна оваа година. Во меѓувреме, гигантите во индустријата, вклучувајќи ги General Motors, Ford Motor и Volkswagen, во последните месеци најавија создавање свои линии за електрични автомобили и желба за агресивно проширување на пазарот.
Високиот рејтинг на Tesla беше погоден и од пошироката распродажба во технолошкиот сектор оваа недела. Инвеститорите се повлекоа од овие акции поради зголемувањето на цените на обврзниците, зголемувајќи го стравот дека компаниите со високи капитали можеби нема да имаат добри резултати доколку растат цените на заемите.
Лидерот во индустријата за електрични автомобили е меѓу најголемите губитници во индексите Nasdaq 100 и S&P 500. Тековната пазарна капитализација на Tesla е околу 552 милијарди долари – далеку под границата од 837 милијарди долари достигната на крајот на јануари.
Вкупните загуби на технолошките компании во индексот Nasdaq 100 достигнаа 1,6 трилиони долари.