Преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој исплатени се над 512,5 милиони денари на 23.524 субјекти, соопшти Зоран Атанасов, претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на СДСМ.
-Сите кои стекнале право на користење финансиска поддршка, во еден ден и без селекција ги добиија средствата кои им следуваат.Станува збор за исплата на следните мерки: директни плаќања по обработлива земјоделска површина за сите поледелски култури освен тутунот, и за оваа мерка исплатени се 411,5 милиони денари. На сметките на малите земјоделските стопанства кои се дефинирани според историски плаќања за претходните три години исплатени се 54,5 милиони денари, додека кај сите кои имаат заклани амортизирани несилии во регистриран кланичен капацитет исплатени се над 46 милиони денари, изјави Атанасов.
Тој вели дека продолжува и поддршката за земјоделците за модернизирање и унапредување на процесот на производство.
-Во текот на 2020 и 2021 година се доделија 540 договори за набавка на нови трактори. 540 земјоделци ќе добијат можност да ја обноват својата механизација за подобра обработка на нивните посеви. За оваа цел, Владата предводена од СДСМ одвои 206 милиони денари. Новите машини во комбинација со субвенционираните трошоци за нејзино користење попознато како зелена нафта ќе придонесе до порентабилно работење на земјоделските стопанства и поголем бенефит за сите земјоделци, вели Атанасов.