Средба Димитров – Кордиќ: „Координираниот настап преку засилена стратешка комуникација на земјите кандидатки за членство во ЕУ е уште еден механизам за заеднички успех на регионот“

203 прегледи

Во духот на традиционално добрите и пријателски односи меѓу Северна Македонија и Црна Гора, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, на барање на црногорската страна денес оствари онлајн средба со новоназначената главна преговарачка на Црна Гора, Зорка Кордиќ.

Во фокусот на средбата беа размена на ставови и мислења во светло на новата методологија за пристапни преговори и очекувањата за нејзиното влијание на процесот на преговарање со ЕУ, имајќи предвид дека таа ги засега и двете земји.

„Координираниот настап преку засилена стратешка комуникација на земјите кандидатки за членство во ЕУ е уште еден механизам за заеднички успех на регионот. Поединечниот напредок во европската приказна е корисен и за другите земји, како мотивација за придвижување напред, но и позитивен натпревар.“ – истакна вицепремиерот Димитров.

Вицепремиерот Димитров информираше за усвојувањето на реформскиот план Агенда: Европа дома, чија што главна цел е да обезбеди засилен фокус на приоритетните области за да се задржи позитивното досие на Северна Македонија. Од црногорска страна беше поздравен ваквиот пристап, нагласувајќи дека токму тоа е суштината на реформите – пренесување на европските стандарди и вредности во нашите општества. Во тој контекст Кордиќ посочи независно од тоа каде се наоѓаат земјите од регионот во процесот, секој може да учи од секого, за што сведочи и последниот извештај на Европската комисија за Северна Македонија, за што таа упати искрени честитки.

Соговорниците се согласија дека и покрај предизвиците од пандемијата, потребно е да се интензивира и продлабочи размената на искуства особено во секторските политики, меѓу другото и преку реактивирање на Мешовитиот комитет според Спогодбата за соработка во областа на интеграцијата во ЕУ.

Исто така беше договорено во скоро време да се одржи и билатерална средба на тимовите на кој што поконкретно и подетално ќе се работи на утврдување на агендата и динамиката за соработка во рамките на Комитетот.

Слични содржини