Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнл во „Студио 10“, ги искоментира натписите на италијанскиот весник „Ла верита“ кои во денешното продолжение откриваат детали за тоа како Македонија ги набавувала кинеските вакцини.
-Треба да се разјасни на кој начин се тргнало во постапка за набавка на вакцини. Сите овие информации не се добри, сите овие случување укажуваат на една несериозност при набавката на вакцини, коишто се приоритет за било кој дел на активностите на владата. Начинот треба да биде транспарентен бидејќи е од голем интерес на граѓаните и се трошат јавни пари. Дали е во ред да се нарачуваат вакцини од приватни компании или преку посредници во ситуацијава каде што можело да се нарача преку дипломатските претставништва и директен контакт со државите, создава непријатност, во позадина го имам прашањето дали и набавките на вакцини ќе се злоупотреби за да се оствари некаков профит или интерес и тоа мора да се расчисти за да ни ги тргнат дилемите дали ова однесување е законско, вели Тасева.
Таа вели дека Обвинителство треба да ги утврди пропустите во системот.
-Во ситуацијава со набавката на вакцини, има јасна одредба во Кривичен законик. Зачудува инертноста на ЈО, дека во ваква ситуација кога има афери и случаи, тие не се организирани да проверат. Мора да ги расчистат сите аспекти. Сите јавни документи треба да се ставени на увид на јавноста, па да се утврди дали има место за кривична одговорност. Сега да оставиме прво да се занимаваме со системот, а никој да не се занимава со аспектот на криминалот и можноста за злоупотреба е апсолутно несоодветно постапување. Оваа ситуација е несоодветна, и не слушнавме дека се случила на друго место. Немаат право да ги прикриваат информациите, целата постапка треба да е јавна, вели Тасева.